НАЈНОВИТЕ ИЗМЕНИ ВО ПАРНИЧНАТА ПОСТАПКА И ВОВЕДУВАЊЕ НА ЗАДОЛЖИТЕЛНА МЕДИЈАЦИЈА ВО СТОПАНСКИТЕ СПОРОВИ

Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка е објавен во „Службен весник на РМ“ бр.124/15 од 23 јули 2015 година. Целта на изменувањата и дополнувањата на овој закон, пред се е подобрување на бизнис климата во Република Македонија преку зајакнување на законските механизми за остварувањето и заштитата на правата на странките во парничната постапка, согласно препораките од извештаите на “Doing business” на Светска банка, зајакнување на правата на странките и нивните законски застапници или полномошници во постапката, поттикнување и развој на медијацијата во Република Македонија, како и системско усогласување на одредбите во посебната парнична постапка по платни налози.

Најзначајната новина во законот се однесува на постапката во стопанските спорови (споровите помеѓу правни лица), преку воведување на задолжителна медијација во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд. Така, со дополнетиот член 461 од законот, се определува дека во ваквите спорови странките се должни, пред поднесувањето на тужбата да се обидат спорот да го решат по пат на медијација, дека при поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал и дека судот ќе ја отфрли тужбата кон која не е приложен ваков доказ.

Ваквите измени се во насока на зајакнување на институтот медијација во Република Македонија, негова поактивна улога при решавањето на споровите помеѓу правните лица, како и создавање на можност за растоварување на судот од ваквите спорови. Целта на медијацијата е спорниот однос помеѓу странките да се реши вонсудски и по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори со цел да се постигне заедничко прифатливо решение за што странките склучуваат писмена спогодба, по претходно спроведена постапка за медијација согласно Законот за медијација (Службен весник на РМ бр.188/13).

Со оглед дека ваквата обврска за претходен обид за медијација е пропишана како задолжителна само за стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, произлегува дека обврската за задолжителна медијација не се однесува за останатите граѓанско-правни спорови без оглед на вредноста на предметот на спорот, на стопанските спорови за парично побарување чија што вредност надминува 1.000.000 денари, како и за стопанските спорови по кои постапката не се поведува со тужба пред суд, без оглед на вредноста на предметот на спорот (на пр. кај нотарските платни налози).

Со останатите измени и дополнувања на законот се доуредуваат останатите одредби од законот на начин што во делот на доказите и доказната постапка се воведува поимот „документ“, се доуредува постапката на поднесување на исправите и документите до судот и начинот на прибавувањето на документите кога истите се наоѓаат кај другата странка, или кај трето лице, а се воведува и нов поим „судски платен налог“, со цел да се разграничи решението со кое се издава платен налог налог што според одредбите од овој закон го издава судот, од решението со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа кое се издава од страна на нотарите врз основа на Законот за извршување. Исто така, се зајакнува и улогата на странките во постапката на начин што им се дава право непосредно, без претходна дозвола од судот, да му поставуваат прашања и да бараат објаснувања од вештите лица во поглед на дадениот стручен наод и мислење. Воедно, се покачува износот според кој се определуваат стопанските спорови од мала вредност, па така наместо досегашниот износ од 300.000 денари, според новото законско решение како стопански спорови од мала вредност ќе се сметаат спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари што не го надминува износот од 600.000 денари.

Со исклучок на одредени одредби, овие изменувања и дополнувања на законот ќе започнат да се применуваат по шест месеци од неговото влегување во сила, односно на 31 јануари 2016 година, со цел субјектите да имаат доволно време да се запознаат со неговите одредби.

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ОД МАРТ 2015 ГОДИНА

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на РМ бр.33/15) се пропишани одредени измени во делот на регулирањето на прекувремената работа. Така, пропишано е дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.

Определени измени се пропишани и во делот на користењето на годишниот одмор. Се определува дека годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.

Во врска со правото на надоместок на плата за работник кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, доколку му престане работниот однос за време на ваквото отсуство, определено е дека работникот продолжува да го користи правото на овој надоместок до истекот на отсуството и тоа на товар на државата.

УКИНАТА ОБВРСКАТА ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ПРИДОНЕСИ НА ПРИХОДИТЕ ОД ДОГОВОРИТЕ ЗА ДЕЛО

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (Службен весник на РМ бр.129/15), се укина обврската воведена од 1 јануари 2015 година, за плаќање на придонеси на приходите кои физичките лица ги остваруваат од извршување физичка или интелектуална работа, врз основа на еден или повеќе договори за дело или авторски договори или други договори со кои е определен надоместок за извршената работа.

Оваа обврска престанува сметано од 1 август 2015 година, па според тоа ваквите приходи кои ги оствариле физичките лица сметано од овој датум не подлежат на плаќање на придонеси, туку само на персонален данок на доход по стапка од 10%.

Информации

Сите информации и податоци на страната се од информативен карактер!

За повеќе информации Ве молиме контактирајте не Контакт.

Локација и контакт

Телефон: +389 (0)2 3112 833 Е-mail адреса: info@mplaw.mk Адреса: ул. Црвена Вода бр. 7/3-4 1000 Скопје, Р.С.Македонија