ОПШТИ УСЛОВИ ЗА ДАВАЊЕ НА УСЛУГИ
Декември, 2015 година
На ваше барање, Адвокатската Канцеларија Михајлоски и Поповска (во понатамошниот текст: МП) ќе Ви даде правни и адвокатски услуги и ќе ви помогне да ги постигнете Вашите деловни цели во Република Македонија и согласно правните прописи на Република Македонија.
Како на МП, така и на клиентите, во интерес е МП да ги дава сите правни и советодавни услуги под јасно определени услови. Овие Општи услови за давање на услуги (во понатамошниот текст: Општи услови) претставуваат основа врз која МП ги дава правните и адвокатските услуги и истите ќе се применуваат и на сите идни инструкции кои ќе ги дадете на МП. Вашите нови, или постојни упатства ќе се смета дека претставуваат прифаќање на овие Општи услови.
Покрај овие Општи услови, МП може да склучи и посебен договор за правни и адвокатски услуги, кој може да биде во форма на пишана комуникација, во електронска или друга форма или писмено полномошно.
1. Надлежност
Правните и адвокатските услуги МП ги дава на територијата на Република Македонија, на домашни и странски, физички и правни лица, согласно правните прописи на Република Македонија.
2. Грижа за клиентите
Со цел на клиентите да им се овозможи најсоодветна грижа и брза и непречена комуникација помеѓу клиентот и МП, нашиот систем подрзбира определување на партнер за контакт со клиентот. Вашиот партнер за контакт не мора нужно да биде истото лице кое ќе ве застапува секојдневно. Доколку имате било какви прашања и дилеми за кои не сакате да разговарате со партнерот, или адвокатот, односно соработникот кој работи на вашиот предмет, можете да му се обратите на партнерот за контакт со клиентот кој е одговорен за нашиот однос со вас. Името на тоа лице ќе биде јасно наведено во договорот, или во друга писмена, или електронска комуникација. Во случај, од било која причина да не сте сигурни кој е определен за ваш партнер, како ваш првенствен контакт, ве молиме обратете се до било кој вработен во канцеларијата, кој во најкраток можен рок ќе ви ја достави оваа информација, заедно со релевантните податоци за контакт.
3. Упатства (инструкции)
Со определувањето МП да ве застапува во одредена правна работа, го овластувате МП да ги преземе сите потребни дејствија со цел заштита на вашите интереси во врска со одреден предмет или правна работа, освен доколку не ни дадете поинакви инструкции. Обемот на дејствијата за кои ќе не ангажирате ќе биде определен со писменото полномошно, или со договорот за правни и адвокатски услуги, кој може подетално да се дефинира во нашата писмена комуникација, во согласност со таквиот договор. Во случај да не ни доставите потпишан примерок од писмениот договор, ќе сметаме дека сте ги прифатиле овие Општи услови доколку од вас добиеме инструкции за работа по електронска пошта, или по пат на писмена комуникација.
МП во никој случај не сноси одговорност доколку вам, или на вашиот овластен застапник не ви дадеме совет, или коментар во врска со било кое прашање кое не е содржано во вашите инструкции.
Одредени правни области, или одредени правни прашања не се доволно уредени со правните прописи и/или нема доволно пракса во постапувањето од страна на органите и институциите надлежни за примена на прописите. Во тој случај, кога вашите инструкции се однесуваат за некои од ваквите области, или правни прашања, може да донесеме одлука и да дадеме правно мислење добронамерно и секогаш со разумно уверување дека од неа ќе имате корист и во тој случај услугата која ќе ја добиете ќе биде дадена во согласност со нашето најдобро разбирање на правниот статус на тоа прашање, имајќи ја во предвид регулираноста во правните прописи.
4. Надоместок
Доколку поинаку не е договорено, надоместокот за давање на конкретната услуга се определува врз основа на времето поминато за проучување на вашиот предмет и преземањето на конкретните правни дејствија, или времето поминато на проучување и изготвување на бараното правно мислење, односно часовите потрошени за таа работа од страна на лицето вклучено во работата. Времето поминато на вашиот предмет, или барање за правно мислење ги вклучува и состаноците со вас, времето поминато во патување, разгледување, подготовка и изготвување на документите и актите, писмената, електронската и телефонската комуникација. Часовнината ќе биде пресметана во денари, или во евра, во зависност од тоа како ќе биде договорено. Доколку вашите инструкции налагаат зголемен обем на работа, или прекувремена работа (работа надвор од стандардното работно време определено со закон), МП го задржува правото да ја покачи висината на часовнината. Во ваквите случаи МП без одлагање ќе ве извести за висината на дополнителниот надоместок.
Во случај кога однапред е договорен фиксен надоместок за давање на определена услуга (паушал), не се наплаќа дополнителен износ, освен доколку во текот на работата и извршувањето на услугата се јави потреба од неопходно извршување и на дополнителни работи, кои однапред не можеле да бидат определени, или доколку работата која треба да се изврши е од поинаква природа од претходно определената согласно вашите инструкции. Во ваквите случаи МП без одлагање ќе ве извести за висината на дополнителниот надоместок.
Во определени случаи, МП може да побара плаќање на надоместокот, односно часовнината однапред, односно пред извршувањето на услугата. Ова особено се однесува на случаите кога услугата која треба да се даде предизвикува значителни трошоци за МП. Доколку по добивањето на вашите инструкции, од страна на МП, врз основа на наведените причини биде побарано плаќање на услугата однапред, односно пред нејзиното извршување, а од ваша страна не биде платен определениот надоместок, МП го задржува правото да не прифати вршење на услугата, односно нејзино продолжување, или да ја откаже, односно да не ја земе во работа, или да ја прекине работата на предметот.
Доколку надоместот се определува како часовнина, МП редовно ќе ве информира за висината на настанатиот износ и за сите евентуални измени на околностите кои ќе имаат влијание врз претходните инфромации кои ги имате добиено во врска со надоместокот. Доколку вашите инструкции траат подолго од еден месец, МП редовно ќе ви доставува фактури на месечно ниво. Ако поради било која причина МП престане да ве застапува, ќе се наплати само работата која е извршена до престанокот на застапувањето. Во случај кога однапред е договорен фиксен надоместок за давање на определена услуга (паушал), а предметот, или услугата не се довела до крај и поради било која причина МП престане да ве застапува, ќе се наплати извршената работа, која може да се утврди врз основа на евидентираните наплатливи часови, или пропорционлано, како и сите евентуални трошоци кои настанале во врска со вршењето на работата, освен доколку поинаку не е договорено.
5. Превод
Доколку при вршењето на работите и давањето на услугите се појави потреба за превод од странски на македонски јазик и обратно, МП без одлагање ве известува за тоа. Трошоците за превод претставуваат дополнителен реален трошок кој не влегува во износот на надоместокот за давање на услугата.
6. Трошоци
Со определувањето МП да ве застапува во одредена правна работа, вие се сложувате МП да ги сноси и трошоците и издатоците кои се неопходни со цел да се изврши работата. Ваквите трошоци, освен доколку поинаку не е договорено, не влегуваат во износот на надоместокот за давање на услугата и МП има право да бара нивна наплата веднаш штом таквите трошоци настанат, а во одредени случаи и пред да настанат, односно однапред. Ваквите трошоци се однесуваат особено за судските и административните такси, надоместоците кои ги наплатуваат државните органи и институции за давање на конкретна услуга или издавање на одредена документација, надоместок за вештачења и проценки спрема вешти лица и проценители и други надоместоци потребни за вршење на работата и давање на услугата. Ваквите трошоци се однесуваат и на патните трошоци, кои се пресметуваат согласно Тарифата за награда и надоместок за работата на адвокатите, доколку не е договорено патините трошоци да се надоместат во нивниот реален износ.
7. Фактури
Фактурите, или про-фактурите ќе ви бидат доставувани на месечно ниво, освен доколку поинаку не е договорено. Фактурите ќе содржат спецификација за извршените работи, вклучувајќи ги конкретните датуми и описот на извршената работа, односно преземените дејствија. Износот во фактурите и про-фактурите ќе биде искажан во денари, или во евра, во зависност од договореното.
Фактурите стасуваат за наплата во рок од осум календарски денови од датумот на издавање на фактурата, освен доколку поинаку не е договорено. Во случај на задоцнето плаќање се пресметува и законска казнена камата. Во случај кога фактурата не е платена во рокот за нејзино плаќање, а износот во фактурата е искажан во денари и од датумот на нејзината стасаност до датумот на нејзиното плаќање додје до пад на вредноста на денарот во однос на еврото за повеќе од 5%, МП има право да ја пресмета и наплати и разликата предизвикана од промената на курсните движења.
Во случај на задоцнето плаќање на фактурата, МП го задржува правото да престане со вршење на работата, односно да го откаже договорот.
8. Данок на додадена вредност (ДДВ)
На извршените услуги се пресметува и ДДВ, по даночна стапка согласно закон.
Доколку поради било која причина, по издавањето на фактурата побарате истата да ја издадеме на друго лице, МП го задржува правото тоа да го одбие. Во случај на прифаќање на таквото барање, истовремено со вашето барање за повторно издавање на фактурата се согласувате да ги доставите и сите потребни документи со цел да ни се овозможи враќањето на ДДВ пресметан на оригиналната фактура, во случај да бил пресметан ДДВ. Вие ќе останете одговорни за плаќање на нашата фактура дури и да се прифати вашето барање за повторно издавање на фактура, се до моментот на плаќање на сите износи кои ни се должат.
9. Спорови
Без оглед на исходот на спорот, вие ќе бидете должни да ги платите нашите фактури. Со завршувањето на спорот, судот носи и одлука за надомест на трошоците кои страната која го добила спорот ги имала во текот на постапката, при што страната која го изгубила спорот најчесто е должна да го плати целокупниот износ на трошоците, или дел од тие трошоци. Доколку другата страна има бесплатна правна помош, може да се случи да не можете да ги добиете вашите трошоци, дури и ако сте го добиле спорот. Доколку го добиете спорот, дури и ако страната која го изгубила спорот не ви ги надомести трошоците на постапката, или нивен дел, вие имате обврска во целост да ги платите нашите трошоци.
За времетраењето на судската постапка, на ваше барање, ќе ви даваме информации, по наше најдобро сознание, за пропорцијата на вашите трошоци за кои постои веројатност да ги добиете од другата страна доколку го добиете спорот. Меѓутоа, одлуката за трошоци ја носи судот и судот може да одлучи одредени трошоци не ви бидат досудени, дури и во целост да сте го добиле спорот. Во случај да го изгубите спорот, судот може да донесе одлука да и ги надоместите трошоците на постапката на страната што го добила спорот. Тој износ се плаќа заедно со нашите трошоци.
Доколку сакате, подготвени сме со вас да ги разгледаме можностите за условна спогодба за наградата која ќе се базира на успехот на спорот.
10. Престанок на давање на услугите
Секогаш се поаѓа од претпоставката дека МП ќе работи на одреден предмет до неговото завршување. Доколку од било која причина давањето на услуги од страна на МП престане, МП ќе ги врши дејствијата уште еден месец, само ако е потребно од вас да отстрани некаква штета што во тоа време би можела да настане. Не е вообичаено да дојде до прекин на услугите, освен доколку тоа е во ваш интерес, или ако дојде до конфликт на интереси, или доколку не ги плаќате навремено нашите фактури, или доколку не ги исполните нашите барања за плаќање на трошоците. Доколку било која страна одлучи да се престане со работа, должни сте да ги платите сите наши одработени часови и сите трошоци кои за МП настанале поради вашиот предмет до датумот на престанок.
11. Доверливост и конфликт на интереси
Сите информации во врска со вашето работење ќе се сметаат за доверливи и како такви ќе се чуваат во секое време, освен доколку не ни дадете инструкции таквите информации да ги обелодениме, или доколку нивното обелоденување претставува наша законска обврска (во случај на кривично дело и во други случаи кога тоа го налага законот).
Во текот на постапувањето по вашиот предмет, може да дојде до конфликт на интереси, помеѓу вашите интереси и интересите на други клиенти на МП. Во тој счучај, ќе ја разгледаме настанатата ситуација и ќе одлучиме за понатамошните чекори. Со цел да се заштитат вашите интереси и интересите на другиот клиент, можеби ќе бидеме приморани да престанеме со работа на вашиот предмет. Во тој случај ќе се потрудиме да најдеме, или да ви помогнеме да најдете друга адвокатска канцеларија со соодветна репутација која ќе го преземе вашиот предмет и ќе продолжи да ве застапува.
Со прифаќање на овие Општи услови, давате согласност вашиот назив како клиент на МП да можеме да го користиме за потребите за давање на информации за нашите професионални референци. Тоа во никој случај нема да вклучува откривање на било какви ваши доверливи информации, на било кои трети лица.
12. Архивирање на документи
По исплатата на нашите надоместоци и трошоци, на ваше барање ќе ви ги предадеме сите документи кои сме ги прибрале, или кои сте ни ги доставиле со цел работа на вашиот предмет. Работните документи на МП, целокупната пишана комуникација помеѓу вас и МП, како и другите документи кои ќе ги подготвиме остануваат во сопственост на МП. По престанокот на активната работа на предметот документите ќе бидат архивирани, интерно, или кај независно лице кое се занимава со аргивирање на документи. Документите ќе ги чуваме со претпоставка дека имаме ваше овластување да ги уништиме по пет години по создавањето, или добивањето на тие документи.
Во случај да ни доставите инструкции за преглед на веќе архивираните документи, го задржуваме правото да ви наплатиме за времето поминато во прегледувањето на архивираните документи и времето поминато во изработка на писмена ревизија на документите, без оглед дали ваквите документи сте ги побарале вие или некое друго лице на ваше барање и со ваша писмена согласност. Исто така, го задржуваме правото да ги наплатиме и трошоците за прибирање на тие документи од независното лице кај кое ги архивираме документите.
13. Спречување на перење на пари
Доколку прописите кои се однесуваат на спречување на перење на пари и финансирање на тероризам тоа го налагаат, од наша страна ќе биде постапено и до надлежните органи ќе бидат доставени ваши податоци, кои се потребни, со цел исполнување на законските обврски. Ваквото доставување не се смета за оддавање на доверливи информации (согласно точка 11 од овие Општи услови).
14. Проблеми и жалби
Доколку по запознавањето со овие услови имате било какви дилеми во врска со прашањата на кои тие се однесуваат, или доколку не сте задоволни со било кој аспект од нашите услуги, ве молиме прво да поразговарате со партнерот, или со правникот, односно соработникот кој работи на вашиот предмет. Доколку и понатаму сакате да поразговарате во врска со ова прашање најдобро е да се обратите до партнерот кој е одговорен за нашиот однос со вас (точка 2 од овие Општи услови). Во секој случај, најважно е да ги споделите со нас сите дилеми кои ги имате, за да бидеме во можност да ги разгледаме во што пократок рок и да одговориме на сите ваши потреби.
15. Забелешки во врска со фактурите
Пред да добиете фактура од нас, постои можност да добиете про-фактура заедно со детален опис на работата. Во рок од осум календарски денови од датумот на издавање на фактурата (или про-фактурата) ќе имате можност во писмена форма да ни дадете коментари, или забелешки за добиената фактура. Своите коментари или забелешки ги доставувате до партнерот за контакт кој е одговорен за нашиот однос со вас. По истекот на рокот од осум дена од доставувањето на фактурата, или профактурата, ќе сметаме дека сте прифатиле да го платите целокупниот износ (во случај на добивање на про-фактура, по истекот на рокот од осум дена можеме да одлучиме да издадеме фактура која ќе ја замени про-фактурата и ќе сметаме дека сте прифатиле да го платите целокупниот износ на фактурата во моментот на нејзиното издавање).
16. Авторски права и други права од интелектуална сопственост
МП ги задржува авторските права во врска со сите документи кои ви ги доставуваме. Ќе имате неексклузивна лиценца за користење на тие документи за целта за која се создадени, но не и за други потреби без наша претходна согласност.
17. Ограничување од одговорност
Освен доколку поинаку не е определено со писмен договор, ја ограничуваме својата парична одговорност кон вас во поглед на било какви барања поврзани со невнимание, повреда на доверителовите (фидуцијарни) обврски, или повреда на договорот на износ кој е помал од следниве алтернативни износи: 1) максималниот износ на покритието од нашето осигурување од професионална одговорност кој е применлив во тој момент и 2) износ кој е еднаков на петострукиот износ на сите наши надоместоци кои се наплаќаат за работа на предметот од кој произлегува вашето побарување. Овој износ ги вклучува сите евентуални штети, трошоци и камати кои ќе се утврдат против нас. Постапка за утврдување на наша одговорност можете да покренете најмногу во рок од три години од денот на извршување на работата која сметате дека дава повод за наводна одговорност, а по истекот на овој рок, нашата одговорност престанува. Нема да бидеме должни да ви го платиме било кој износ кој е предизвикан од грешка на друго лице.
Сметаме дека ограничувањето на нашата одговорност предвидено во оваа точка е разумно. И покрај тоа, ќе ни биде драго со вас да го разгледаме ова ограничување, доколку сметате дека износот за вашите потреби не е доволен и ќе ја разгледаме можноста за обезбедување на дополнително покритие. Ова ограничување на нашата одговорност наведено во оваа точка ќе се применува на работа која ќе биде извршена по овие Општи услови и на било која дополнителна работа, освен ако изречно, во писмена форма, не договориме поинакви услови.
18. Членови и вработени на МП
Со цел да се ограничи професионалната одговорност и изложеноста на судски спорови на партнерите, правниците, вработените, соработниците и претставниците на МП, основен услов за наше ангажирање (во согласност со било која законска одредба која ја ограничува нашата можност да го направиме тоа) е вие да немате никакво барање, ниту да поднесете било каква тужба во врска со било каква штета директно против нашите партнери, правници, вработени, соработници и претставници лично.
19. Прописи
На работата на МП, односно на адвокатите и адвокатските стручни соработници се применуваат Законот за адвокатурата и Кодексот на професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора на Република Македонија.
20. Комуникација по пат на интернет
Секогаш кога е тоа возможно, нашата пракса е да користиме интернет и електронска пошта за испраќање на документи, но не можеме да ја гарантираме безбедноста и доверливоста на материјалот кој се праќа преку интернет.
21. Одрекување
Нашето користење на едно, или повеќе права содржани во овие Општи услови, во било кој момент, или во било кој период, под било кој услов нема да се толкува како одрекување од тоа право, или права.
22. Исклучива корист
Со цел избегнување на секаков сомнеж, со прифаќање на овие Општи услови, се согласувате ништо од овие Општи услови, или било кој друг поврзан договор да нема за цел и да не може да се смета за извршив од страна на било кое трето лице, или било кое лице кое не е страна на таквите договори и услови.
Со прифаќање на овие Општи услови, согласни сте нашата работа да не ја направите достапна на трети лица, без наша претходна писмена согласност. Не преземаме никаква одговорност кон трети страни во врска со било кој аспект од нашите професионални услуги, или работа, кои ќе им се направат достапни.
23. Ништовност
Ништовноста, или неизвршувањето на било која одредба од овие Општи услови нема да влијае на останатите одредби кои ќе останат обврзувачки за двете страни.
24. Потполност на договорот
Овие Општи услови, договорот за правни и адвокатски услуги и другата писмена комуникација помеѓу страните ги дефинираат условите кои ги договараме во врска со работата која ја извршуваме за вас. Во случај на било каков спор помеѓу овие Општи услови и договорот за правни и адвокатски услуги, ќе преовладува договорот за правни и адвокатски услуги.
25. Меродавно право и надлежност
Овие Општи услови се толкуваат во согласност со прописите на Република Македонија, а за решавање на било какви спорови кои ќе произлезат од нивната примена, доколку претходно не се решат вонсудски, надлежен ќе биде Основниот суд Скопје II Скопје.
26. Изменувања и дополнувања
Овие Општи услови може повремено да ги измениме и/или дополниме, со известување еден месец однапред, или со објавување на изменетите и/или дополнети Општи услови на нашата официјална интернет страница www.mplaw.mk.