ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИТЕ ОДНОСИ ОД МАРТ 2015 ГОДИНА

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на РМ бр.33/15) се пропишани одредени измени во делот на регулирањето на прекувремената работа. Така, пропишано е дека прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно, освен за работите кои поради специфичниот процес на работа не можат да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени. Прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
 
Определени измени се пропишани и во делот на користењето на годишниот одмор. Се определува дека годишниот одмор може да се користи во повеќе делови во договор со работодавачот, со тоа што еден дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели. Работникот има право два дена од годишниот одмор да ги искористи во денови коишто самиот ќе ги определи, ако тоа посериозно не го загрозува работниот процес, за што мора да го извести работодавачот најдоцна три работни дена пред користењето.
 
Во врска со правото на надоместок на плата за работник кој користи отсуство поради бременост, раѓање и родителство, доколку му престане работниот однос за време на ваквото отсуство, определено е дека работникот продолжува да го користи правото на овој надоместок до истекот на отсуството и тоа на товар на државата.